Кога се соочуваме со нашето „денес“ како временски јазол кој ги поврзува нашето „вчера“ и нашето „утре“, најдобро е да се соочиме со неговите обележја, „прифаќајќи ги“ такви какви што се. Во времето кое го живееме, тие обележја можеби и нема да ни се допаднат, но сите ние сме дарувани со моќта која ни прилега, моќ која ни дава можност да го разбудиме човекот во човека. На тој начин, ползувајќи ги свеста, совеста, волјата, одлучноста, добрината, емпатијата, знаењето, инвентивноста и вербата во себеси, ќе успееме лошото да го престориме во добро, а доброто во подобро. Секое заобиколување на симптомите кои го демнат мигот во кој опстојуваме, секое пасивизирање на функцијата на нашите сетила кон севкупниот општествен амбиент во кој ги креираме епизодите на живеењето, не е ништо друго, туку себезатворање во непроветрена просторија. Ние одлучивме да ги подотвориме вратите и прозорците. Токму затоа и постоиме.