Кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее. Кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее…
(2. Коринтјаните 9.6)
Кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее. Кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее…
(2. Коринтјаните 9.6)
Времето, а со него и нашите животи, минуваат со неверојатна брзина, наликувајќи на река која неповратно ита кон својот слив. Како вчера да беше мигот кога спектакуларно го дочекавме новиот милениум, влегувајќи и во тој толку очекуван 21 век, а еве сме на прагот од заокружувањето на првата четвртина од ова столетие. Оптимизмот ни налагаше да веруваме дека веков ќе ни донесе многу нови и убави нешта кои ќе му бидат додадена вредност на светот и целокупното човештво. Веројатно сите подзаборавивме дека времето, само по себе, не е креатор на состојбите кои се дел од нашето секојдневие, ами ние – луѓето сме создатели на обележјата кои го прават времето такво какво што е. Оптимизмот се повеќе се претвора во песимизам како резултат на губењето на некогашните особености, вредности и доблести кои човекот го правеа човек во вистинската смисла на зборот. Отсуството на сочувствителност кон другите луѓе, пренагласениот егоизам, напуштањето на моралната диспозиција, се само дел од нештата кои го прават актуелното секојдневие драстично поразлично од „нормалното вчера“.
Во услови кога суровиот свет раѓа сурови индивидуи чиј број катадневно се мултиплицира, а на кои воопшто не им е грижа за другите луѓе, во ова време на продлабочување на посоечките разлики и на повампирување на национализмот во ова наше глобално опкружување кое се повеќе мириса на барут, а се помалку на маслиново гранче, ние од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ одлучивме да останеме свои на својата визија и добротворна мисија.
Во третата година од постоењето на фондацијата, реализиравме повеќе од 50 активности кои беа резултат на нашето „да“ на барањата од разни поединци, здруженија, манифестации и институции. Ако се знае дека годината има 52 седмици, произлегува дека нашата фондација била „подадена рака“ речиси секоја недела во годината, податок кој не прави горди и не инспирира да ја продолжиме хуманата низа.
Покрај сето тоа, исклучително сум горд што во годината во која човештвото се соочуваше со војни, ние бевме една од двете главни алки од една убава и важна приказна. Имено, во јуни 2024г. во Атина-Грција, во организација на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и Институтот „Алексис Ципрас“, се одржа дводневна „Меѓународна конференција за мир и одржлив развој“ по повод 6-годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. На овој своевиден глобален форум , покрај нас – двајцата организатори, учество зедоа бројни звучни имиња на политиката од Европа и светот. Меѓу 40-те учесници на конференцијата, вреди да се споменат имињата на: грчката Претседателка Катерина Сакеларопулу, Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и на Јоханес Хан, Франсоа Оланд, Мартин Шолц, Стефан Лефвен, Никос Коѕијас, Милош Вучевиќ и уште многу други. На конференцијата се разговараше на неколку теми кои се од големо значење за Европа и Западен Балкан. Заедно со колегата Алексис Ципрас, на американскиот дипломат Метју Нимиц му ја доделивме Наградата за мир – „Преспа“.
И кога се ќе се собере и ќе се подвлече линија под сите реализирани активности во 2024 година, резултатот би бил – победа на хуманоста против зловремето.
Сите сме луѓе на овој свет, и мажите и жените… и децата, и младите, и возрасните, и луѓето од третото доба… и тие кои немаат, но и оние кои имаат посебни потреби… и тие кои зборуваат на еден, но и оние кои зборуваат на други јазици… Ја отворивме ширум портата на душата за сите нив…
Сите области од нашето општествено живеење заслужуваат поддршка и развој… и здравството, и образованието, и културата, и уметноста, и спортот, и социјалната заштита, и граѓанскиот сектор… Ги помогнавме и нив, за да им биде полесно движењето по патот на успехот…
Нашите поддршки, донации и спонзорства стасаа до сите делови на татковината, од Струмица до Скопје, од Гевгелија до Тетово, од Штип до Охрид, од Крива Паланка до Гостивар, од Куклиш до Конче…
Поинаку не знаеме. Постоиме за да опстоиме во нашите цели и задачи.
Добрината треба низ целиот наш живот да ни биде човечка должност. Ако таа должност ја извршуваме онака како што ни диктираат срцето, умот и разумот, тогаш постигнуваме двоен ефект, ем ги задоволуваме потребите на луѓето околу нас и на општеството во целина, ем ги ползуваме најважните инструменти за постигнување на лично задоволство. На тој начин, голема е веројатноста да разбудиме макар и едно мало парченце од светот на кој му припаѓаме, за да стане нов извор на човечка добрина. Достигнувањето на едно такво ниво при искачувањето по нашите животни скалила, ни дава до знаење дека новите височини не мора да бидат само наш стремеж, туку и реален дострел. А колку е убаво ако осознаеш дека не си осамен на тој пат пат од стремежот до дострелот. Колку имаш повеќе сопатници, толку ти е поголема вербата во убавото утре исполнето со сончевина.
Скапоцениот камен останува скапоценет и без да се бруси, без да се обликува во нова форма за да им биде подопадлива на луѓето. Содржината, макар и непривлечна на прв поглед, сепак е поважна од формата. Секој од нас носи своја скапоценост во срцето, а од нас зависи колку таа ќе раздаде вистинска светлина наоколу. Срце можеме да нацртаме на парче хартија, во песокот на некоја плажа, или да го истетовираме на дел од нашето тело. Стана модерно да создаваме облик на срце со помош на нашите дланки и прсти и на тој начин да изразуваме љубов кон некого. Убава е таа симболика, но вистинската љубов треба да ја споделуваме преку нашето вистинското срце. Какво ни е срцето такви сме и ние, а таква ни е и љубовта кон луѓето. Без таа сродност и симбиоза невозможно е човек на човека да го направи среќен, а со тоа да си даруваш среќа и себеси. Зарем има нешто поубаво од тоа?
Не се секогаш зборовите тие со кои би можел да испратиш „порака“ до луѓето – блиски или далечни, познати или непознати, пријатели или непријатели… Со привиден молк, без да изустиш ниту еден збор, можеш да кажеш многу. Наместо со устата, зборувај со срцето, зборувај со душата, зборувај со делото твое. Ако не те разберат од првпат, продолжи со љубов да даруваш човечност, повторно и повторно. Кога-тогаш таа ќе ги пронајде вистинските патеки до вистинските адреси. Еден убав ден тие патеки ќе станат двонасочни, преку кои мноштвото луѓе ќе научи како на љубовта се возвраќа со љубов.
Фондацијата е слободна да промовира ставови и мислења за прашања од нејзин интерес и може да презема иницијативи и да учествува во градењето на јавното мислење и креирањето јавни политики.
ФОНДАЦИЈАТА ЗАЕВ е невладина, непартиска и непрофитна фондација со добротворен и хуманитарен карактер и дејност, која е формирана за остварување на образовни, општествени, научни и хуманитарни интереси преку вршење дејности и активности за унапредување, поддршка и развој на граѓанското општество, деловната заедница, културата, спортот, уметноста, јавното здравје, образованието на младите во согласност со различните уставни и образовни области.
Будењето е најубавиот миг во моето секојдновие, затоа што тоа будење и дава слобода на мојата мисла, како да го креира новиот ден и како најубавите негови белези да ги насочиме кон оние на кои будењето можеби не им е исполнето со доволно сончевина. Сонцето подеднакво изгрева за сите, и сите до еден треба да ја ползуваат неговата топлина. Во услови на совршена несовршеност или несовршена совршеност, стапнавме со едната нога и на третото скалило од нашето нагорно патување кон идеалот – едно општество за сите…
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ е отворена книга која ја пишуваме со верба, љубов и надеж. Свртуваме нова страница водени од мудроста која вели:
„Добрината не се раѓа од големината, туку големината од добрината“.
ZAEV Foundation © Copyright All rights reserved. Powered by Eon Marketing