Живееме во време на мноштво предизвици од различна природа. Живееме во несовршен век, несовршен свет и во несовршено општество, а сите несовршени нешта имаат свои импликации и врз другите. Знам дека изразот „утопија“, првпат споменат од познатиот Томас Мор, претставува своевиден „демант“ за постоењето на совршено општество. Но, ако се околу нас е толку несовршено, ако мноштвото од човековата популација смета дека совршенство не постои, се поставува прашањето дали треба да се помириме со тоа? Јас велам „не“. Подобро е нешто да сториме, макар тоа било и несовршено, отколку да кренеме раце, откажувајќи се од стремежот кон совршенството. Потрагата по него не треба да не води низ долги и исцрпувачки патишта. Не, тоа е толку блиску. Тоа совршенство, или барем тој чекор, два или три до него, се наоѓа во нас, во нашите срца и души, но само доколку во нив владее хармонија меѓу човекот и човечноста. Имајќи ги во предвид таквите мои размислувања, во кои не сум осамен, останувам на браникот на мојот идеал наречен „едно општество за сите“, идеал кој стана и главен дел од името на фондацијата со која гордо раководам. За среќа, таа гордост не е само моја, туку и на членовите на Фондацијата – прекрасни луѓе со светли хоризонти во нивното восприемање на светот и животот.
Ме крепи вербата во „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во мисијата, визијата и оправданоста на нашето постоење, и како Фондација, и како луѓе, но и вербата во оние кои беа наши партнери во реализацијата на бројните активности, сите оние со кои споделуваме исти погледи и вредности.
До нашиот замислен „апогеј“ не се стигнува со совладување на неколку скалила одеднаш, ами со качување скалило по скалило. Втората измината година од постоењето на фондацијата ја доживувам само како второ искачено скалило од нагорната линија по која сме наумиле да се движиме, кон тој наш „апогеј“, кон таа наша заедничка цел.