Глобалните климатски состојби се само дел од причините за се почестите појави на поплави, пожари и други видови елементарни непогоди кои претставуваат голема закана за човечките животи и материјалните добра. Од тие причини, нужна е потребата од зголемување на човечките и материјалните ресурси кои би биле во функција на превентивното делување и справување со природните непогоди или несреќи, како и со последиците од нив.
Согласно Законот за пожарникарство, во јануари 2024 год. Беше формирано Доброволно противпожарно друштво Струмица, чии цели и задачи се учество во акции за спасување и заштита од природни непогоди, како и логистичка поддршка на ТППЕ Струмица, Општините и другите институции и субјекти во ситемот на заштитата и спасувањето.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, имајќи во предвид дека ДПД Струмица е непрофитна организација чија функционалност е обусловена од членарина, донации, спонзорства и проекти, одлучи да донира парични средства како поддршка за функционалното остварување на целите и задачите на Друштвото. Со тоа нашата Фондација останува верна на своите заложби да прави вистински работи во вистинското време.
Влогот во Доброволното противпожарно друштво Струмица, без сомнение, е влог во нашата безбедност и сигурност. Токму затоа, ние од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ апелираме до сродните организации да ни се придружат и да го следат нашиот пример, за доброто на нашето општество.