Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во рамките на активностите кои произлегуваат од двете исклучително важни програми на дејствување: „ЗАЕВ – Солидарно-инклузивна програма“ и „ЗАЕВ Социјално-хуманитарна програма“, одлучи позитивно да одговори на барањето за соработка од Терапевтската заедница „Покров“. Нашата Фондација, во соработка со други општествено одговорни субјекти, обезбеди финансиска поддршка од 200.000 денари за реализација на програмата на „Покров“ за 2024 година.
Терапевтската заедница „Покров“, с. Баница-Струмица веќе 27 години функционира како Центар за социјална рехабилитација на лица кои употребуваат (злоупотребуваат) дрога или други психотропни супстанци и прокурзори, и е единствена социјална установа од таков вид во Северна Македонија. Во рамките на нејзините активности, се спроведува и програмата за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на осудени лица, на кои, преку пробација, затворската казна им се заменува со нивна вклученост во процесите од таа програма.
Имајќи го во предвид фактот дека во „Покров“ во моментов претстојуваат 20 штитеници од различни етникуми (Македонци, Албанци, Турци, Роми и Бошњаци), а тоа суштински соодветствува со името на нашата фондација – „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, финансиската поддршка од наша страна оди на вистинската адреса.
И овојпат упатуваме апел до сите општествено-одговорни компании да ни се придружат во нашата мисија за помош и поддршка на разни установи, здруженија и поединци, за задоволување на потребите и барањата кои ги имаат. На тој начин ќе дадеме свој значаен придонес во севкупниот развој на нашето општество.