Стареењето на населението е една од карактеристиките на 21 век. Демографијата вели дека светот старее, а бројот на старите лица се повеќе станува доминантен. Се претпоставува дека оваа значајна социјална трансформација, за само една деценија, ќе доведе до пораст на старите лица за 46% на глобално ниво, а во наредните децении се очекува тој број да порасне и до 20% од севкупното светско население. Тоа значи дека бројот на старите лица ќе биде поголем од сите други популации во светот.
Нашите сегашни и идни ангажмани треба да бидат насочени кон обезбедување квалитетен и достоинствен живот на старите лица. Тоа подразбира: подигање на свеста во однос на постоечката дискриминација, нееднаквоста и меѓугенерациските бариери; спречување на процесите кои го забрзуваат стареењето; создавање можности за подолго живеење на база на активен физички и психички живот, подобрување на јавните, социјалните и здравствените услуги, обезбедување услови за активно стареење и сл.
Старите лица не се кои било лица. Тоа се нашите, Вашите, нивните мајки и татковци, тоа се нечии баби и дедовци. Тоа се луѓето во кои се акумулирани искуството, знаењето и мудроста. Тоа се луѓето кои низ својот животен и работен век оставиле мноштво неизбришливи траги и вредности, давајќи значаен придонес во градењето и прогресот на заедницата, општеството и човештвото.
Старите лица заслужуваат живот по нивна мерка. Да ги почитуваме за да бидеме почитувани и ние, оти веќе „утре“ ќе бидеме на нивното место.
По повод Меѓународниот ден на старите лица, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ донира спортски реквизити на Здружението на пензионери – Струмица.
Нека е честит 1 Октомври – Меѓународен ден на старите лица.