Од 17 до 18 јуни во Атина, во организација на Фондацијата Заев – Едно општество за сите и Институтот Алексис Ципрас се одржа Меѓународната конференција за мир и одржлив развој по повод 6 години од потпишувањето на Преспанскиот договор.
На конференцијата, која за медиумските известувачи и за учесниците и присутните на конференцијата, претставуваше своевиден глобален форум за актуелниот безбедносен миг во кој се наоѓа светот, покрај организаторите на конференцијата, поранешните премиери на Северна Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, учествуваа и со своето присуство му дадоа до значење и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, поранешните претседатели на Грција и на Франција Прокопис Павлопулос и Франсоа Оланд, премиерот на Србија Милош Вучевиќ и поранешниот премиер на Грција Џорџ Папандреу, како и поранешниот премиер на Шведска и актуелен претседател на Партијата на социјалистите и демократите (ПЕС) Стефан Лефвен.
Агендата на конференцијата меѓу гостите на највисоко ниво ги вклучи и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, четворица европски комесари, меѓу кои и Јоханес Хан, на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, како и на градоначалниците на Атина и Истанбул.
Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина собра над 40-тина водечки владини претставници, актуелни и поранешни министри за надворешни работи, шефови на меѓународни организации, како и претставници на партии од централно левичарски, левичарски партии со демократско прогресивна ориентација.
Од нашата земја, од Северна Македонија, на конференцијата, покрај учеството на поранешниот премиер и претседател на Фондацијата Заев – Едно општество за сите Зоран Заев, учествуваа и поранешниот премиер Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров, Венко Филипче како претставник на „Фондацијата Заев“ и Илина Мангова од Меѓународниот републикански институт во Северна Македонија.