Со наша поддршка до бронзен медал на Европска Олимпијада

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и во четвртата година од своето постоење продолжува со безрезервната поддршка за младите талентирани ученици.

Има ли поубаво нешто кога таквата поддршка дополнително ги мотивира учениците да вложат максимални напори за себедокажување, постигнувајќи успеси со кои ја афирмираат средината во која се образуваат, а истовремено ја афирмираат и татковината, како вистински расадник на исклучително талентирани ученици. Таков е и примерот со ученикот Марко Кренков од Струмица кој со поддршка на нашата фондација, отпатува за бугарскиот град Шумен каде што зеде учество на Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ).

Нашиот млад струмичанец Марко, кој втора година по ред е дел од македонските репрезентации по информатика, го повтори минатогодишниот успех освојувајќи го бронзениот медал на Европската јуниорска олимпијада. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ му го честита постигнатиот успех, посакувајќи му уште многу врвни резултати на полето на информатиката.

По повод поддршката за Марко Кренков, нашата фондација доби и порака на благодарност од Здружението за талентирани ученици и млади „Бистри умови“ со следната содржина: „…Од сѐ срце Ви упатуваме искрена благодарност, затоа што без Вашата помош и верба во неговиот потенцијал, овој медал денес можеби немаше да блеска во неговите раце. Вашата поддршка не е само помош за едно патување, туку е инвестиција во иднината на младите таленти на Северна Македонија“.

Влогот во талентираните ученици е влог во напредокот на општество. Продолжуваме.

Skip to content