„Минливост“ и „менливост“ се два збора кои се разликуваат во една единствена буква. Ако пак ја побараме разликата во нивното суштинско значење, тие само навидум имаат апсолутна поврзаност. Имајќи доверба во сопствените гледишта, сметам дека она што е минливо не мора да биде и менливо, особено кога станува збор за нешта кои се огледуваат во животните вибрации на човековата душа и во верното следење на ритамот на срцето. Во тој процес умот е само дел од позитивниот „триптих“, како додадена вредност на сопствените чувства.
Чекорејќи низ просторот и времето, најважно од се е цврсто да верувате во мисијата и визијата кои сте ги избрале да ви бидат водилки низ животот, да знаете каде се наоѓа целта кон која се стремите и која е вистинската причина за таквиот ваш стремеж. Доколку се исполнети овие три предуслови, убеден сум дека патот за надградба на успешната себереализација е истиот тој пат по кој патува сонот до убавото јаве. Можеби во сето тоа мое видување лежи одговорот за успешното затворање на кругот на четвртата цврста алка од низата на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“. Навлеговме во 2026 г. – петтата јубилејна година од постоењето на фондацијата, но ред е, како што доликува, да дадеме отчет за споделената среќа меѓу рацете кои имаа потреба од нашата поддршка и „раката која не се суши“. Секако, овој извештај не треба да биде ниту молња за очите, ниту грмотевица за ушите, ами убава можност информациите да се престорат во позитивна дразба за сродните души во кои постои човечки потенцијал, желба и верба да се тргне по добротворните друмови, откривајќи ја добрината, емпатијата и хуманоста во себе. Покрај сето задоволство, би бил пресреќен да се случи токму тоа.








