Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ продолжува со поддршката на образовните и културните активности кои се во функција на афирмацијата, популаризацијата и негувањето на вредностите од општествен интерес. Како резултат на тоа, нашата фондација, врз основа на претходно склучен договор со Општинското основно музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица, со средства во висина од 90.000 денари, финансиски ја поддржа подготовката и реализацијата на овогодинешниот „Концерт под маски“, што се одржа во рамките на струмичките карневалски празнувања, а во пресрет на големиот интернационален Струмички карневал.
Инаку, станува збор за традиционална музичка манифестација која професорите и учениците од ООМУ „Боро Џони“ ја подготвуваат секоја година во чест на Струмичкиот карневал, а годинава, под наслов „Денес – вчера – утре“, се одржа по 14-ти пат. Концертот под маски е една од најквалитетните и најбарани содржини од струмичките карневалски свечености, за што зборува фактот дека, поради огромниот интерес од граѓаните, истиот доживеа две изведби во една вечер.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во соработка со сродни општествено-одговорни компании, и во иднина ќе поддржува содржини кои ја негуваат традицијата, во комбинација со репродуктивната музичка уметност.