Спонзориравме еко-акција за чистење на Охридското езеро во Струга

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ веќе низа години наназад поддржува бројни македонски здруженија на граѓани и нивни активности од разни области кои се од големо значење за нашето општество. Тоа посебно се однесува на иницијативите и активностите на оние здруженијата кои се занимаваат со заштита на животната средина.

Нашата фондација го спонзорираше и Клубот за подводни активности „Езерски Пулс“ од  Струга за организација на четвртата по ред еко-акција за чистење на подводниот и крајбрежниот дел на Охридското езеро во Струга која се одржа на 31 мај. Како и во изминатите години, така и годинава, овој еколошки настан обедини бројни нуркачки клубовови од целата држава, како и учесници од пријателски земји. Според информацијата која ја добивме од „Езерски Пулс“ во акцијата биле вклучени над 100 учесници, од кои 29 нуркачи од Србија, 8 од Хрватска, нуркачи од 9 македонски нуркачки клубови, како и бројни волонтери, поддржувачи и љубители на природата. Во акцијата учесниците  отстраниле приближно 8 кубни метри отпад од езерското дно и крајбрежниот појас.

Покрај директниот еколошки ефект, акцијата придонела и за: подигнување на јавната свест за заштита на природата, промоција на волонтеризмот и општествената одговорност, зајакнување на соработката помеѓу нуркачките клубови од регионот, и промоција на еколошките вредности кај младите генерации.

„Со Вашата поддршка испративме силна порака дека заедничката грижа за животната средина е заедничка одговорност на сите нас, и дека преку партнерство на граѓанскиот сектор со компаниите и институциите, можат да се постигнат значајни резултати“, стои меѓу другото во писмото на благодарност од „Езерски Пулс“ до нашата фондација.

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и во иднина ќе поддржува иницијативи и акции на здруженија кои се грижат за почиста животна средина, со надеж дека во таа партнерска улога ќе ни се придружат и други општествено одговорни субјекти.

Skip to content