Финансиска помош за проектот „АИНК“

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, покрај добротворниот карактер на своето постоење и делување, како и остварувањето на програмските цели и задачи кои се во функција на развојот на културата, спортот, образованието, младите, граѓанскиот сектор, јавното здравје, животната средина и др., финансиски поддржува и иницијативи и проекти кои имаат свое влијание во унапредувањето на општествените вредности, особено на оние кои суштински се отсликуваат во името на фондацијата.  Во таа насока е и Финансиската поддршка за реализација на проектот AINK (Албански инпут за национална кохезија), иницијатива за зајакнување на јавниот дискурс, намалување на поларизацијата и поттикнување на меѓуетничка кохезија преку иновативни дигитални медиумски формати. Станува збор за проект кој  директно кореспондира со мисијата на фондацијата, во делот за унапредување на демократските вредности, активното граѓанство и развојот на информирана и инклузивна јавност.

Имајќи ја во предвид обременетоста на јавниот простор во Северна Македонија со низа девијации кои ја поткопуваат општествената кохезија, проектот AINK,  низ кратки видео анализи и коментари за актуелни политички, општествени и социо-економски теми, им нуди на граѓаните кредибилни, пристапни и релевантни содржини со аргументиран  и инклузивен дискурс. Клучни тематски области на проектот се: владеењето на правото, европската интеграција, општествените процеси, справувањето со дезинформации, како и градењето меѓуетничка доверба и дијалог.

Имплементацијата на проектот започна на 1 април и ќе трае до 1 октомври, а во рамките на истиот ќе бидат емитувани 48 видео рилсови. Секој месец преку Facebook, Instagram и YouTube ќе бидат продуцирани по осум рилсови, од кои пет на македонски и три на албански јазик. Автор и презентер на AINK e познатиот македонски писател и колумнист од албанска националност, Рамадан Рамадани.

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, како финансиски поддржувач на проектот, се надева дека ќе бидат остварени главните цели на AINK, како што се: зголемување на достапноста на кредибилни и аналитички содржини во дигиталниот простор, поттикнување на информирана и аргументирана јавна дебата, намалување на влијанието на дезинформации и поларизирачки наративи, како  и зајакнување на меѓуетничката кохезија. Нашата фондација  не би била тоа што е доколку не остане верна на своите стремежи кон демократско и подобро општество.

Skip to content