Новата година и Божиќните празници не доаѓаат само за оние кои се сметаат себеси за одбрани и привилегирани. Не, тие доаѓаат за сите, и на сите кои ги чувствуваат за свои, подеднакво им припаѓаат. Со човечност и добрина, празничните радости треба да ги споделуваме со сите околу нас.
Добрината и човечноста не треба да ни бидат непознати именки или само наши потстанари кои доаѓаат и си заминуваат. Тие треба постојано да бидат дел од нас. Тоа не се учи. Тоа е производ на нашите емоции. А човекот е човек кога знае да ги слуша тие емоции без да ги заклучува во себе. Човекот е човек кога е кадарен да го отвори срцето за сите луѓе, како убав дар кој предизвикува уште поубави чувства.
Ниедно срце не може да биде големо, ако во исто време не е доволно меко, и исполнето со љубов и емпатија. Овие белези не се знак на слабост, ами на човечка сила и доблест.
Ние од фондација „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, ползувајќи ги вредностите на човековите норми, со низа активности испративме топла Новогодишна и Божиќна прегратка до сите оние на кои истите им се наменети.
Во соработка со Министерството за труд и социјална политика, под мотото „Среќата се споделува“, реализиравме акција на доделување 300 прехранбени пакети на семејства од социјално ранливи категории. Како резултат на таа соработка ја поддржавме и посетата на Маврово на деца од домовите „11 Октомври“ и „25 Мај“ од Скопје. Во соработка со Ромскиот едукативен центар „Амбрела“ обезбедивме 250 прехранбени пакети за социјално загрозени семејства од Шуто Оризари. Го поддржавме Хуманитармното здружение „Д-р Трајче Нешковски“ за реализација на предновогодишниот настан „Насмевка за секое дете“ во Гостивар. Финансиски ја поддржавме набавката на новогодишни пакетчиња за децата на вработените во ЈЗУ Здравствен дом Скопје. Обезбедивме и финансиска поддршка за набавка на сензорно-дидактички реквизит со четирикратна намена и влијание на децата со попреченост, за потребите на Центарот за дневен престој и индивидуален третман „Едупрактика“ при истоименото здружение од Струмица. Сето тоа го сторивме во соработка со сродни институции и општествено одговорни компании со кои споделуваме еднакви визии и вредности.
Календарите се менуваат, годините и празниците доаѓаат и си заминуваат, ама човечноста во човека треба да остане постојана. Во тој дух нашата Фондација ја завршува 2023 г., но во истиот тој дух ќе ја започне и наредната 2024 г.