Почитувајќи ги вредностите и богатството на македонската историја и сите придобивки од минатото кои ги ужива нашето општество, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во рамките на своите тековни ангажмани, недвосмислено поддржува и одбележување на значајни годишнини и датуми од нашиот историски времеплов.
Како резултат на тоа, а во согласност со своите програмски активности, нашата фондација потпиша договор за спонзорство со Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ (1941-1945) и граѓаните продолжувачи – Скопје. Врз основа на тој договор, Фондацијата издвои финансиски средства во висина од 200.000 денари за реализација на дел од активностите со кои Сојузот на борците ќе го одбележи големиот јубилеј – 80 години од ослободувањето на државата од фашистичкиот окупатор.
Според информациите од ГО на Сојузот на борците – Скопје, активностите за одбележување на јубилејот ќе се одвиваат во текот на целата година, а опфаќаат: одбележување на 80-години од Февруарскиот поход, пригодни трибини низ градовите, вечер на проекции на партизански филмови и документарен филм за значењето на јубилејот, меѓународна трибина, изложби, пригодни вечери на поезија и др.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ во соработка со поединци, компании и институции со кои споделува исти погледи, ставови и вредности, ќе продолжи да ја остварува својата мисија и во периодот кој следува.