Да се биде „подадена рака“ на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ е нешто повеќе од еднострана поддршка и соработка. Подадената рака претставува и голема чест и задоволство, затоа што „Танец“ е еден од најскапоцените македонски белези, светол симбол на македонскиот фолклор, култура и уметност, најверен чувар и негувач на дел од македонските идентитетски корени и, без сомнение, најголем културен амбасадор на нашата татковина.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во соработка со сродни општествено одговорни субјекти, за потребите на НУ Ансамбл за народни песни и танци „Танец“ – Скопје, донираше комплетна опрема (спортска облека) на членовите на играорниот кор, неопходна за секојдневните проби на играорките и играорците, а во рамките на нивните подготовки за концертните настапи во земјата и странство.
Да биде задоволството на нашата фондација уште поголемо, оваа донација ја реализираме во годината кога Ансамблот за народни песни и игри „Танец“, како прв професионален фолклорен ансамбл во државата, прославува голем јубилеј – 75 години од своето постоење. За овој временски период „Танец“ учествувал на повеќе од 5000 концерти и фестивали, настапувајќи, меѓу другото, и во најпознатите светски концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто и во многу други светски метрополи.
Поддршката на институциите кои ги негуваат и афирмираат македонските трајни културни вредности, ќе остане и натаму еден од главните белези на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“. Се надеваме дека нашиот пример ќе го следат и други фондации, институции и општествено одговорни компании.