Донација за купување виолина на талентиран ученик

Развојот на образованието и поддршката на млади талентирани ученици и натаму останува во фокусот на активностите на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“.

Најновата финансиска поддршка од нашата фондација е наменета за младиот вљубеник во музиката и талентиран виолинист, Илија Богоев од Неготино. Станува збор за донација од 180.000 денари, средства наменети за набавка на нова виолина за младиот неготинчанец.

Илија Богоев  го завршил основното образование со одличен успех, за што сведочи и добиеното признание за најдобар ученик на генерацијата.  Паралелно со редовното образование, талентираниот Илија го завршил и нижото музичко училиште во Неготино, во класата на наставничката Менка Богоевска. Освоил 50-тина награди на домашни и меѓународни музички натпревари, меѓу кои вреди да се издвојат: Прва награда на Меѓународниот музички натпревар „Охрид те сакам“ – Охрид, Прва награда на „Polyhymnia“ – Скопје, Специјална награда на Меѓународниот онлајн натпревар „Artisti dell’Arco“ – Италија, Прва награда на натпреварот „Music and Earth“ – Бугарија и многу други.

Како исклучително надежен виолинист, Илија Богоев ќе го продолжи своето музичко образование во Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, како „попатна станица“ од реализацијата на неговите стремежи во музичката уметност. За таа цел, според неговата менторка, потребна е виолина од повисока класа, согласно потребите за идното средно и високо образование. Нашата фондација обезбеди онолку финансиски средства колку што чини една таква виолина, овозможувајќи му на Илија успешно продолжување на неговото музичко образование. Му посакуваме на младиот неготинчанец соништата да му станат јаве.

Skip to content