Лицата заболени од канцер заслужуваат должно внимание, грижа, емпатија и хуман третман од сите чинители на нашето општество. Кога велиме: „едно општество за сите“, тогаш зборот „сите“, меѓу другото, се однесува и на тие лица, впрочем како и на сите останати.
По минатогодишната донација на Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки и онколошки заболувања и нивните негуватели – „Хема-Онко“ од Скопје, за подобрување на грижата за пациенти со малигнитети, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и годинава продолжува во истиот дух.
Овојпат нашата фондација донираше финансиски средства на Здружението САНО, поддржувајќи го хуманитарниот летен камп за деца кои боледуваат од рак и нивните мајки. Кампот за ресоцијализација и психолошка поддршка и зајакнување, ќе се одржи во месец август во одморалиштето на Црвен крст – Струга – „Солферино“, а на него ќе учествуваат десет деца кои се лекуваат од канцер, десет мајки, како и волонтери на САНО и Црвен крст.
На еднонеделниот камп ќе биде реализирана специјална програма која вклучува: психолошка поддршка и работилници за надминување на траумите предизвикани од лекувањето; креативни активности за подобрување на емоционалната состојба и самодовербата на децата; спортски и рекреативни активности за развој на тимска работа и забава, како и едукативни сесии за мајките, со цел зајакнување на нивните капацитети во грижата за здравјето на нивните деца.
Целта на овој камп е децата и нивните мајки, со поддршка на стручни лица – психолози, да се вратат во нормална состојба и притоа да се почувствуваат среќни и прифатени од луѓето од нивното опкружување.
Ние од фондацијата велиме: „продолжуваме да постоиме во името на емпатијата, хуманоста и подадената рака. Придружете ни се“.