Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ продолжува со поддршката на талентирани ученици кои постигнуваат завидни резултати на разни полиња.
За кус временски период, по донирањето финансиски средства на прилепскиот средношколец Георги Николоски, за негово учество на „NEO Science Olimpiad“ одржана во САД, на која го освои златниот медал во категоријата – природни науки (физика, хемија и биологија), како и донацијата за набавка на виолина за младиот талентиран виолинист Илија Богоев од Неготино, нашата фондација поддржува уште една млада талентирана личност.
Јагода Панова од Струмица е дел од тимот кој ја претставуваше нашата земја на Европската Олимпијада по информатика (во женска конкуренција), која се одржа од 14 до 20 јули во Бон, Германија. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ донираше финансиски средства за патување на „довчерашната“ струмичка средношколка на оваа престижна интернационална олимпијада.
Зад Јагода Панова е успешно осумгодишно континуирано учество на разни натпревари по информатика на регионално и државно ниво, а олимпијадата во Германија е нејзино прво меѓународно искуство.
Поддршката за младите продолжува, во интерес на нивниот напредок и напредокот на нашето општество.


