Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ во текот на целата 2024 година, во согласност со своите програми за работа, покрај бројните поддршки, донации и спонзорстава за разни здруженија, институции, клубови, сојузи и поединци, донираше и финансиски средтва за поуспешна организација на низа манифестациии од различни области.
Една од повеќето такви донации, со која, полека но сигурно, ја заокружуваме 2024 година, е наменета за Општина Крива Паланка. Станува збор за несебичен влог во општинските ангажмани за поуспешна организација и реализација на овогодишниот „Новогодишен базар“, како еден од бројните настани кои годинава се случуваат во овој град.
Во културно-забавниот дел на кривопаланечкиот „Новогодишен базар“, кој се одржува од 26 до 31 декември, учествуваат исклучиво македонски пејачи, групи и други артисти, па со нашата донацијата, меѓу другото, ја поддржуваме и афирмацијата и популаризацијата на македонската песна.
Имајќи во предвид дека Крива Паланка е македонски „Град на културата“ за 2024 година, и како таков реализира 55 проекти од различни жанрови и естетика од традиционалното и современото творештво, донацијата на нашата фондација заврши на вистинското место.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, со несмален интензитет, продолжува и натаму со своите активности за помош и поддршка. Така ќе биде и до крајот на годинава, како и во текот на следната 2025 год., со надеж за поголема вклученост во нашата мисија и на други општествено одговорни субјекти.