Донација за учество на WKC балкански карате шампионат

Сеопфатната поддршка на македонскиот спорт е еден од клучните фактори за негова афирмација и популаризација во меѓународни рамки. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“  низа години по ред е верен поддржувач и помагател на индивидуалните и колективните спортови во земјата, како и спонзор на разни спортски настани и манифестации. Најновата донација од нашата фондација беше наменета за членот на Карате клубот „Зрновци“, Мишел Антонов, кој воедно е и тренер и претседател на клубот.

На 3 и 4 април во градот Дервента во Република Српска – Босна и Херцеговина се одржа  WKC Балкански карате шампионат на кој, со поддршка од наша страна, учествуваше и Антонов, на покана на Светската Карате Конфедерација (WKC). Членот на Карате клубот „Зрновци“ настапи на шампионатот во конкуренција на ветерани, како натпреварувач во изведба на кати, а учествуваше и на судискиот семинар за стекнување  на балканска судиска  карате до-лиценца. Инаку организатор на Балканскиот карате шампионат беше WKC Карате сојузот на Република Српска – БИХ.

Кога еден спортски клуб, како што е неодамна формираниот КК „Зрновци“, не располага со доволно финансиски средства за учество на нивен член на престижен балкански спортски настан, тогаш Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ е тука да подаде рака за поддршка. Ние затоа постоиме.

Skip to content