Донирани 40 медицински паравани на ЈЗУ Општа болница Струмица

Грижата за здравјето на луѓето треба да оди рака под рака со грижата за јавното здравство. Поаѓајќи од таквиот непобитен факт, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во текот на 2023 година, реализираше бројни донаторски активности за поддршка и унапредување на јавното здравје. На неколку универзитетски клиники и други здравствени установи им беа донирани низа апарати и друга неопходна опрема, а беше обезбедено и стипендирање за стручно усовршување во Франција на петмина специјализанти.

Нашата Фондација ја заокружува годината со уште една донација во делот на поддршката на јавното здравство. Станува збор за донација на 40 медицински паравани за заштита на приватноста на пациентите при интервенции, за потребите  на ЈЗУ Општа Болница Струмица. На примопредавањето на медицинските паравани присуствуваше претставничката на нашата фондација Славица Заева.

На донацијата, во вредност од 183.278 денари со вклучен ДДВ, и претходеше склучување договор за истата, кој го потпишаа основачот и директорот на Фондацијата Зоран Заев, и директорката на ЈЗУ Општа Болница Струмица Катерина Кузмановска.

Поддршката за унапредување на јавното здравје ќе биде еден од главните стремежи и ангажмани на нашата Фондација и во наредната 2024 година.

Skip to content