Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ продолжува со поддршката на културни содржини, иницијативи и традиционални манифестации кои ја унапредуваат културата и трајните културни вредности во Република Северна Македонија, а со тоа придонесуваат за нивна полна афирмација на меѓународен план.
Како резултат на таквата интенција, врз основа на потпишан Договор за спонзорство меѓу нашата фондација и Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, одобрена е финансиска поддршка во висина од 300.000 денари за реализација на јубилејното 15-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски 2023“.
Програмата на овој традиционален меѓународен фестивал, кој годинава се одржува од 28 септември до 7 октомври, опфаќа изведба на девет театарски претстави од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, како и други пропратни содржини.
Поддршката на такви манифестации и проекти од национален интерес ќе остане приоритет и во наредниот период.