Еден од хуманите белези на основачот и директор на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, Зоран Заев, е неговата повеќе од дведецениска континуирана поддршка на лицата со посебни потреби, како и на здруженијата во кои истите членуваат. Како резултат на тоа, една од најважните програми на нашата фондација е „ЗАЕВ Солидарно-инклузивна програма“ преку која, меѓу другото, се реализираат активности за помош и поддршка на лицата со посебни потреби.
Деновиве нашата фондација го прифати барањето на лицата со посебни потреби Роза Мојсовска и Митра Тушева, кои порано живееја во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско, а веќе пет години се сместени во станбени единици за лица со посебни потреби во Струмица.
Поради спецификите на живеење на лица кои се движат со помош на инвалидски колички, подот на становите во кои живеат Мојсовска и Тушева е оштетен, па се наметнува потребата од негова промена. Нашата фондација обезбеди финансиски средства за промена на досегашниот (оштетен) ламинат со функционални подни плочки кои се посоодветни за движење по нив со инвалидски колички. Средствата се наменети за набавка и лепење плочки во двата станови во кои живеат споменатите лица со посебни потреби.
Поддршката на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ за лицата со посебни потреби беше и останува наша примарна задача. Тие, заедно со сите нас, се дел од нашето општество. Тоа не смееме да го заборавиме.