Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, како и многупати досега во своето постоење, повторно поддржа талентирани ученици кои успешно го афирмираат македонското образование во светски рамки. Овојпат поддршката ја заслужија дванаесет ученици и нивни тројца професори од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица, кои, од 26 јуни до 3 јули, учествуваа на меѓународниот натпревар „Математика без граници“ („Mathematics without borders“). Нашата фондација финансиски го поддржа патувањето и учеството на струмичките „гимназијалци“ на овој престижен натпревар од светски ранг, кој традиционално се одржува во Несебар, Бугарија.
Во конкуренција на учесници од 29 држави од сите светски меридијани, меѓу кои и од Австралија, САД, Канада, Хонг Конг, Филипини, Бурма, Малезија, Нигерија, Украина, Малта, Турција, Словенија, Србија и други, учениците од УСО „Јане Сандански“ – Струмица беа достојни репрезенти на Северна Македонија, закитувајќи се со четири одличја.Три од нив му припаднаа на Иван Гарванлиев, и тоа: златен медал во поединечна конкуренција, „Златна ѕвезда“ како најдобар македонски натпреварувач и бронзен медал на целиот натпревар, а бронзениот медал во тимско натпреварување и припадна на Магдалена Мучева. За комплетниот успех на струмичките „гимназијалци“ зборува и фактот дека учеството на останатите десет ученици на „Mathematics without borders“ е обезбеден преку нивниот висок пласман во сите три рунди, кои му претходеа на финалниот натпревар. Инаку СОУ „Јане Сандански“ – Струмица веќе осма година по ред учествува на овој реномиран меѓународен натпревар.
Ние од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ им честитаме на учениците и професорите за постигнатите резултати, посакувајќи им успех и во наредниот период. Остануваме верни на своите определби и во иднина да ги поддржуваме младите и талентирани ученици од целата татковина.