Фондацијата „ЗАЕВ – ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ“ и натаму останува доследна на своите практики да го поддржува издавањето книги кои се од значење за општеството, а особено за задоволување на интересот на македонската и меѓународната читателска публика.
Нашата фондација, заедно со брендот „МАМАС“, целосно го овозможија издавањето на книгата „НЕЈЗИНОТО ВЕЛИЧЕСТВО – МАКЕДОНСКА ПИПЕРКА“ која деновиве излезе од печат во издание на познатата македонска издавачка куќа „ИЛИ-ИЛИ“.
Автори на оваа двојазична книга (македонски и англиски) се познатиот кулинар МАРК де ЈОНГ – Белгиец со македонско потекло и новинарката СВЕТЛАНА ЈОВАНОВСКА. Книгата „Нејзиното величество – македонска пиперка“ ни дава до знаење дека пиперката од македонско поднебје, во сите форми, бои и вкусови, покрај во традиционалните ајвар, пинџур и макало, може да биде главна состојка и во разни други специјалитети, од супи и предјадења, преку главни јадења, па се до десерти. Книгата содржи 21 рецепт од шеф Марк де Јонг, илустрирани со прекрасни фотографии од познатиот македонски фотограф Роберт Атанасовски.
Нашата фондација со задоволство го овозможи издавањето на „Нејзиното величество – македонска пиперка“, со надеж дека ќе го привлече вниманието на домашните и странските гастрономи, а ќе придонесе и за дополнителна афирмација и популаризација на пиперката, како еден од главните белези на македонскиот аграр.