Уметноста и културата го сочинуваат нашиот одраз во огледалото. Ако ги негуваме и надградуваме, се надградуваме и самите. Поаѓајќи од таквото размислување, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ останува верна на своите цели, начела и програмски активности, продолжувајќи и натаму да спонзорира и поддржува институции и манифестации од областа на културата.
Нашата фондација, само во последните четири месеци, за потребите на ансамблот за народни песни и танци „Танец“ донираше комплетна облека, неопходна за секојдневните проби на играорките и играорците, го спонзорираше 64 издание на најголемата меѓународна културна манифестација кај нас „Охридско лето“, беше спонзор на манифестацијата на камерна класична музика „Класика меѓународен фестивал Струмица“, а го поддржа и учеството на вокалната група „Music soul“ при здружението „Внимание“ од Гевгелија на Интернационалниот музички фестивал „Римини фест“ во Италија.
Последната активност за поддршка на културата беше спонзорство на 32 издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ кој се одржа од 8 до 13 септември во Струмица. Финансиската поддршка на овој фестивал, единствен во државата кој е посветен на актерот, е влог во растежот на театарската уметност и во негувањето на меѓународната културна соработка. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и во иднина ќе ги поддржува сите видови уметности во земјата, а со тоа и институциите и манифестациите кои ја испишуваат македонската културна мапа.