Skip to content

Ние дониравме, а Георги Николовски се врати со златен медал од САД

Неодамна на веб страната на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, согласно принципите за отчетност, беше објавена информацијата за донирање финансиски средства на прилепскиот средношколец Георги Николоски, ученик во СОУ „Мирче Ацев“ во Прилеп, за негово учество на олимпијада во САД.

Информацијата беше објавена во пресрет на олимпијадата, а овојпат со радост ја објавуваме веста за големиот успех на 17-годишниот Георги, кој се врати од САД со освоено прво место на „NEO Science Olimpiad“ одржана во Њујорк од 10 до 16 јуни, во организација на Main Team Organization LLC.

Златниот медал и освоеното прво место на единствениот македонски учесник Георги Николоски, во категоријата – природни науки (физика, хемија и биологија) е огромен успех, особено кога се знае дека годинава на олимпијадата настапиле над 550 натпреварувачи од преку 40 земји од целиот свет (во различни категории).

Без ниту еден денар поддршка од државата, учеството на Георги Николоски на олимпијадата во Њујорк, САД, го овозможија Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и уште неколку општествено одговорни компании.

Нашата фондација му честита на Георги за големиот успех, посакувајќи му уште многу врвни достигнувања во текот на неговото натамошно образование, а ние и во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме македонските талентирани ученици.