Една поговорка вели: „Крајот делото го краси“. Ако е тоа така, тогаш календарскиот крај на 2022 година не можеше да биде поблагороден, поубав и посреќен за Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ и за сите нас кои, споделувајќи исти вредности, сме дел од неа.
Среќни сме кога среќни ги правиме другите, а кога тие „други“ се деца, тогаш на таа среќа и нема крај. Тоа се оние чисти души кои никому ништо не му згрешиле. Тоа се малите-големи луѓе во кои се задомило по едно сонце за да раздаваат дополнителна светлина на нашиот заеднички пат кон иднината. Тоа се оние кои најмногу и се радуваат на Новата година. Сите деца треба да имаат подеднакво широки насмевки во најволшебната ноќ, иако некои од нив, без трошка вина, не го живеат животот кој го заслужуваат. Нема ништо подрагоцено на светот од тие детски насмевки. Токму затоа, крајот на годината го одбележавме со две донации адресирани на вистинските места.
Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ безрезервно ја поддржа предновогодишната посета на Крушево на деца – корисници на социјални услуги од групните домови при Јавните установи „11 Октомври“ и „25 Мај“. На тој начин беше реализирана првата соработка со Министерството за труд и социјална политика, по потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу нашата Фондација и Министерството. Меморандумот беше потпишан на 20 декември од страна на директорот фондацијата Зоран Заев и министерката м-р Јованка Тренчевска. Целта на соработката е меѓусебна тесна координација, планирање и реализирање на активности во функција на унапредување на социјалната и детската заштита, здравјето на децата, малолетните лица, младината, жените и лицата со пречки во развојот.