По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, обезбедени парични награди за најдобрите есеи од Конкурсот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

„Да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик – вечниот паметник на нашето постоење“.

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, Фондацијата „Заев-Едно општество за сите“ ја адресира оваа  порака до сите Македонци, каде и да се.

Горди сме на фактот дека овој Ден беше востановен во 2019 година, кога претседател на Владата на Република Северна Македонија беше сегашниот директор на нашата фондација, Зоран Заев, кој е најзаслужен што, веќе петта година, 5 Мај се слави како Ден на македонскиот јазик.

Денот е избран во  чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија која, на 5 мај 1945 година, ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци Министерството за просвета го озакони првиот правопис, со што беше кодифициран македонскиот јазик.

Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, го одбележува овогодинешниот Ден на македонскиот јазик на начин кој соодветствува со своите стремежи и програмски определби. Врз основа на претходно потпишан Меморандум за соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, нашата фондација ја има улогата на поддржувач на јубилејна активност на оваа институција. Имено, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, по повод 70-годишнината од своето постоење, распиша конкурс за есеј, на теми: „Јазикот наш денешен“ (за ученици од основните и средните училишта) и „Што направивме и што треба да направиме за македонскиот јазик“ (за студенти). Нашата фондација обезбеди парични награди за авторите на трите најдобри есеи од секоја категорија. Институтот ќе ги објави имињата на наградените на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а наградите ќе бидат доделени од 26 до 29 јуни при одбележувањето на 70- годишниот јубилеј. Вкупниот награден фонд, кој го обезбеди Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, изнесува  135.000 денари.

Нека ни е честит и вековит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

Македонскиот јазик сум јас,
македонскиот јазик сте Вие,
македонскиот јазик сме сите ние...

Зоран Заев

Основач и директор

Skip to content