Непоколебливата верба во концептот- едно општество за сите, како суштински дел од насловот на нашата фондација, и натаму останува „ѕвезда водилка“ во стремежот кон еднакви можности, социјална правда и почитување на етничките, верските, културните, социјалните и други различности меѓу луѓето. Покрај хуманитарната помош и бројните донации, спонзорства и финансиски поддршки наменети за поединци, здруженија и институции од повеќе области, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ поддржува и иницијативи и проекти кои имаат за цел детектирање на одредени состојби, како и споделување на размислувања и содржини кои се во насока на унапредување на општествените демократски вредности.
Пример за таква финансиска поддршка е проектот AINK (Албански инпут за национална кохезија) чиј автор и презентер e познатиот македонски писател и колумнист од албанска националност, Рамадан Рамадани. Станува збор за иницијатива за зајакнување на јавниот дискурс, намалување на поларизацијата и поттикнување на меѓуетничка кохезија преку иновативни дигитални медиумски формати, Нашата фондација ја поддржа шестмесечната имплементација на проектот ( од 1 април до 1 октомври), во чии рамки, преку Facebook, Instagram, Tik Tok и YouTube беа емитувани 48 рилсови, по 8 рилсови месечно, од кои 5 на македонски и 3 на албански јазик. Информациите од AINK велат дека со завршувањето на шестмесечниот период и реализацијата на сите 48 планирани содржини, биле евидентирани вкупно 1.664.661 прегледи, а актуелноста на темите поттикнала квалитетна информирана и аргументирана јавна дебата.
Имајќи ги во предвид позитивните резултати од проектот и темите кои ги обработува, како што се владеењето на правото, европската интеграција, општествените процеси, справувањето со дезинформации и градењето меѓуетничка доверба и дијалог, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ склучи договор за продолжување на финансиската поддршка на AINK и за последното тримесечие од 2026 год. Се надеваме дека проектот и натаму ќе ги дава посакуваните бенефити.
Постоиме за доброто на македонското општество.


