Струмица е еден од градовите во Северна Македонија со најмногу меѓународни културни манифестации, што ја прави респектабилен културен центар во државата. Покрај Интернационалниот струмички карневал, Меѓународната струмичка ликовна колонија, Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ и Меѓународниот фестивал на афоризам и карикатура, од пред три години, меѓународната културна понуда на Струмица е збогатена и со „Класика меѓународен фестивал Струмица“.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ финансиски го поддржа третото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица“, кое се одржа од 1 до 9 јуни на неколку локации во градот. Љубителите на камерната класична музика имаа можност да ги проследат содржините од меѓународната фестивалска програма во рамките на која свои настапи имаа: Клавирско трио „3-ОС“ од Хрватска, „Дуо гитари (Брешкова-Трохарова) од Бугарија и Камерен оркестар „Аморосо“ од Србија, како и македонските претставници: Градски мешан хор „Гортинија“ и „Дуо пијано“ (Божиновска-Димовска).
Нашата фондација и овојпат покажа разбирање и подготвеност за поддршка на вистинските културни вредности, а ќе продолжи и во иднина да ги помага активностите кои ја афирмираат и популаризираат културата и уметноста од сите видови. Поддржувајки ја културата го помагаме и растежот на општеството, а си помагаме и себеси.