„…Денес живееме во време кога потребата за дијалог и верска толеранција е поголема од кога било и истата потреба влијае на заштитата и одржувањето на глобалната безбедност како никогаш досега. Треба да остане наша заложба, религиите да обединуваат, а не да делат. Тоа е наша должност бидејќи нашата земја е раскрсница на различни култури и религии, традиција на етничка и верска толеранција и општество кое го почитува хуманизмот. Ви посакувам плодна дискусија во следните неколку дена и успешна конференција“. Ова е завршниот дел од писмото од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, кое беше прочитано на чинот на свеченото отворање на 2 Светска конференција за меѓурелигиски дијалог и соработка, која, од 19 до 22 јуни, се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ одлучно застана зад одржувањето на оваа Светска конференција, поддржувајќи ги организаторите од Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Инаку, на 2 Светска конференција за меѓурелигиски дијалог и соработка учество зедоа 60-тина пленарни говорници од 22 земји од Европа, Северна Америка, Африка, Азија и Австралија, кои зборуваа за важни прашања од областа на религијата, но и за нејзината улога во меѓународните односи и дипломатијата.
Имајќи во предвид дека насловот, целите и темите на конференцијата соодветствуваат со начелата на нашата фондација, поддршката беше повеќе од недвосмислена, со натамошна тенденција да останеме непоколебливи во негувањето и поддршката на вредностите кои ги афирмираат и популаризираат заедништвото, соработката и дијалогот.