Од 25 до 29 ноември Северна Македонија и Струмица беа домаќини на 16 Јуниорска балканска олимпијада по информатика, која се одржа во организација на Здружението на информатичари на Македонија и Здружението „Бистри умови“.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, со финансиска поддршка од 300.000 денари беше главен спонзор на олимпијадата, за што доби признание во знак на благодарност од името на организаторите. Од страна на претседавачот на олимпијадата проф. д-р Миле Јованов благодарницата и беше врачена на претставничката на нашата фондација Ева Заева, која на чинот на свеченото затворање имаше и свое обраќање пред присутните.
Зборувајќи од името на фондацијата, Заева во своето обраќање меѓу другото истакна: „Задоволство ми е што можам да ви ги пренесам поздравите од директорот на нашата фондација, господинот Зоран Заев, кој е голем поддржувач на младите и на немал број иницијативи, активности, манифестации и натпревари поврзани со младите и нивниот развој. Подадената рака за нив останува наш завет пред општеството и пред сите оние кои веруваат во напредокот на Република Северна Македонија, затоа што тој напредок го гледаме токму преку напредокот на младите луѓе“.
На крајот од своето обраќање Ева Заева ги повика сите општествено одговорни компании да го следат примерот на нашата фондација и да дадат несебичен придонес во поддржувањето на младешкиот стремеж кон високи дострели.
Инаку, на 16 Јуниорска балканска олимпијада по информатика учество зедоа 64 натпреварувачи од 12 земји, меѓу кои како гости учествуваа и натпреварувачи од Саудиска Арабија, Киргистан, Украина и Хрватска. Младите македонски информатичари постигнаа голем успех на олимпијадата освојувајќи еден сребрен и четири бронзени медали. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ им честита на добитниците на медалите, посакувајќи им уште поголем успех на следната олимпијада која ќе се одржи во Кипар.