Секоја подадена рака, секоја финансиска поддршка, донација или спозорство предизвикува големо задоволство и кај давателот и кај примателот. Но нема поголемо задоволство кога поддршката е наменета за млади талентирани ученици. Таков е и примерот со Георги Николоски, ученик во СОУ (Гимназија) „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ му донираше средства на прилепскиот средношколец за негово учество на олимпијада во САД. Станува збор за „NEO Science Olympiad“ која, во организација на Main Team Organization LLC, ќе се одржи во Њујорк од 10 до 16 јуни годинава.
Седумнаесетгодишниот гимназијалец Георги Николоски обезбеди учество на олимпијадата откако на квалификационите натпревари, во декември минатата година, се здоби со два златни медали во категориите: хемија и биологија.
На натпреварите и олимпијадите на Main Team Organization LLC, досега учествувале 22.000 ученици од 117 држави, а целта на организаторот е поддршка на науката и младите научници кои постигнуваат успеси во категориите: роботика, програмирање, вештачка интелигенција, математика, физика, хемија и биологија.
Инаку, Георги Николоски, и како основец и како средношколец, учествувал на натпревари по разни предмети постигнувајќи бројни успеси, а во моментот е и ученик – заменик правобранител во прилепската гимназија. Нашата фондација му посакува успех на олимпијадата во САД и континуиран напредок во неговото понатамошно образование.
Да ги поддржуваме младите талентирани ученици, затоа што тоа е влог во растежот и иднината на нашето општество.