Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ веќе четврта година од своето основање, покрај другото, континуирано ги поддржува и сите видови уметност, меѓу кои и литературното творештво.
Најновата поддршка од нашата фондација на полето на литературата е спонзорството на новата книга на познатата струмичката и македонска поетеса Вања Изова Велева. Станува збор за „Неколку легенди за Струма“, надоградена верзија на истоимената книга која излезе од печат во 2011 година. Според Изова Велева: „целта на оваа книга е обид-аманет за претставување неколку легенди за Струма, собрани на едно место, подвлекувајќи ја нивната поврзаност со „формирањето“ на идентитетот на градот Струмица“.
Вања Изова Велева веќе 30 години е членка на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на десет поетски книги и два прозни записи, а нејзината поезија е застапена во книжевни списанија и антологии, како и препеана на англиски, француски, шпански, полски, руски, бугарски, словенечки и српски јазик. За својата поезија таа добила неколку домашни и меѓународни награди.


