Skip to content

Стипендирање актерка за студиски престој во Лондон

Поддршката на културните манифестации, институции и културни работници претставува влог во негувањето, унапредувањето и популаризацијата на македонската култура, како една од најважните дејности која ги афирмира трајните вредности на нашето општество. Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ е голем поддржувач на тие вредности, спонзорирајќи повеќе манифестации од областа на културата: „Охридско лето“, Меѓународен ФКТ „Ристо Шишков“, „Класика меѓународен фестивал“, Интернационален детски театарски фестивал „Игор Маџиров“, „Охрид фест“, „Концерт под маски“, Интернационален театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ и др., како и немал број институции и поединци.

Една од таквите поддршки од страна на нашата фондација е и стипендирањето на актерката на струмичкиот театар „Антон Панов“, Ангелина Тренчева, за нејзин студиски престој во Лондон, Обединетото Кралство, за што обезбедивме 180.000 денари. Станува збор за 12-неделен студиски престој (јуни-септември), во една од најпрестижните европски институции „SB Acting Studios“ во Лондон, кој ќе се одвива под менторство на еден од најдобрите актери на денешницата, тројниот оскаровец Sir Daniel Day-Lewis. Покрај стекнувањето нови знаења од областа на театарот, филмската индустрија, индустријата за забава и сл., пред Тренчева е и можноста да ги пренесе искуствата од својата театарска кариера и на соодветен начин да ја претстави нашата култура и традиција, како и убавините на  македонскиот јазик во Обединетото Кралство.

Ангелина Тренчева  е професионална актерка која веќе 20 години е на „штиците што живот значат“ во својата матична куќа – НТ „Антон Панов“ – Струмица, и за овој временски период одиграла ролји во 48 премиери, од античката драма до постмодерната драматургија, соработувајќи со бројни режисерски имиња од земјата и странство.

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, со надеж за освежување на струмичката театарската сцена со иновативни актерски елементи, ѝ посакува на Ангелина Тренчева плоден и успешен студиски престој во Лондон.

Нашата фондација и македонската култура и натаму остануваат во нераскинлива симбиоза.