Skip to content

Стипендирање на лекар-хирург за обука во францускиот институт – IRCAD

Грижата за зачувување на здравјето и животот на граѓаните треба да биде наш главен приоритет, како предуслов за прогрес во сите дејности од нашето општествено живеење во кои човекот е носител и двигател на посакуваниот растеж.

Унапредувањето на јавното здравје, преку несебичен влог во институциите и вработените кои го сочинуваат, е една од целите на  дејствување на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, во рамките на ЗАЕВ Програма за подигање на свеста за јавното здравје.

Нашата фондација, водејќи се од начелата на својата програма, склучи Договор со д-р Тони Балџиев, лекар-хирург во ЈЗУ Општа Болница Струмица, за негово стипендирање (финансиска поддршка) за обука во Центарот за експериментална хирургија – Институт IRCAD во Стразбур, Франција, во периодот од 21 до 27 септември.

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ обезбеди средства за обуката во износ од 3.845 евра (во денарска противвредност), како и средствата за сертификатот во износ од 430 евра (во денарска противвредност), а износот за повратен авионски билет на релацијата Скопје-Стразбур-Скопје, фондацијата ќе го регулира со склучување посебен договор со друго правно лице, регистрирано за таа намена.

Договорот меѓу другото налага, корисникот на стипендијата по завршената обука целокупното стекнато знаење од Институтот IRCAD да го пренесе на своите колеги во матичната установа и државните клиники, со можност за имплементирање на истото, согласно законските и здравствените процедури.

Инаку, пред две години, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, стипендираше и македонски специјализанти, за нивно усовршување во истиот Центар за експериментална хирургија – Институт IRCAD во Стразбур.

Нашата фондација на струмичкиот хирург,  д-р Тони Балџиев, му посакува успешно завршување на обуката, за натамошен придонес во унапредувањето на македонското јавно здравје.