Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ продолжува со своите приоритетни заложби за унапредување на здравството во Република Северна Македонија.
Нашата Фондација склучи Меморандум за соработка со Здружението на лекари специјализанти, врз основа на кој ќе биде реализирано она што нашиот член, Проф д-р Венко Филипче, го обелодени уште во месец декември минатата година, на Панел дискусијата „Иднината сега“.
Станува збор за стипендирање од страна на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ на пет специјализанти, на кои ќе им биде овозможено професионално усовршување, преку специјален курс, на институтот IRCAD, еден од најпрестижните француски центри за експериментална хирургија, кој безмалку три децении е дел од Универзитетската болница во Стразбур, Франција. Тоа значи дека нашата Фондација целосно ги покрива трошоците за курсот и превозот до Франција на избраните кандидати, согласно повикот од страна на Здружението на лекари специјализанти.
Со тоа, Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, опстојува на своите зацртани програмски активности, во делот на прогресот на здравството, преку несебична поддршка на младите лекари, нивно континуирано стручно усовршување и создавање услови за себепронаоѓање во здравствениот систем на Република Северна Македонија. Тоа, од друга страна значи, чекорење кон целта за поквалитетна здравствена заштита за граѓаните на нашава земја.
Нашата Фондација најавува реализација и на други програми кои ќе ја имаат истата цел.