Велат дека во светот на секои 40 секунди некој си го одзема животот, а бројот на самоубиства изнесува околу 800.000 годишно.
Ако на тоа ја придодадеме проценката дека секое самоубиство остава последици на околу 135 лица од семејството и поблиското опкружување, тогаш се соочуваме со фрапантна бројка на луѓе кои директно или индиректно се засегнати со овој голем проблем.
Време е да престанеме со нашиот молк за самоубиствата, да осудуваме или да ја табуизираме оваа тема. Време е гласно да предупредуваме, да препознаваме потенцијални жртви на кои соодветно би им помогнале, да превенираме и да ги поддржиме сите поединци или институции кои прават сериозни напори за справување со проблемот.
Анксиозноста, депресиите и зависностите се само дел од причините за честите самоубиства. Лекот за нив се наоѓа во секој од нас, само треба да го пронајдеме.
Пред некој да крене рака на сопствениот живот, да му ја подадеме нашата рака за помош.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, по повод Светскиот ден на превенција од самоубиства, со 180.000 денари го поддржува театарскиот проект „Сам против сите“ чија тема е борбата против анксиозноста и депресијата.