Нема ништо поубаво од давање безрезервна и сесрдна поддршка на млади уметници кои постигнуваат извонредни успеси во земјата и странство, а истовремено ја афирмираат македонската култура и уметност надвор од границите на нашата татковина.
Неодамна во Словењ Градец, Словенија, беше одржан електро-акустичен авторски концерт на кој интегрално беа изведени двете збирки од циклусот „Во светот на чудата” на македонската композиторка Ана Пандевска, а во целосна изведба на македонските пијанистки, младите струмичанки Ана Мазнејкова и Ивана Мазнејкова..
Реализацијата на овој концертен проект беше финансиски поддржана од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, а вреди да се истакне дека основачот и директор на фондацијата, Зоран Заев, повеќе пати досега ги има поддржувано активностите на ултраталентираните сестри Мазнејкови, затоа што отсекогаш бил на страната на вистинските вредности.
Концертот, на кој беа изведени 16 композиции, беше реализиран во организација на директорот и музичкото училиште во Словењ Градец, во чија концертна сала беше одржан настанот, како и на македонската пијанистка Маја Кастратовиќ која живее и работи во Словенија, инаку голема почитувачка на ликот и хуманото дело на нашиот директор.
Информациите од Словенија велат дека концертот бил наречен „магичен“, а исклучителното музицирање на Ана и Ивана било инспиративно за публиката и наградено со френетични аплаузи. Како резултат на тоа, словенечките ученици пројавиле интерес да свират композиции од македонски автори.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и натаму ќе ги поддржува младите талентирани уметници, за доброто и растежот на македонската култура и уметност.