Денес, кога земјите од целиот свет го одбележуваат 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ден за промовирање на заложбата за еднакво учество на лицата со попреченост и нивната инклузија во сите сфери на општественото живеење, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и годинава на посебен начин го одбележува овој ден.
Овојпат, нашата фондација, во чест на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, го поддржува Здружението за спортски активности на лица со телесен инвалидитет – Кошаркари во колички ХОУП Спорт, донирајќи специјална инвалидска количка за кошарка, во вредност од 284.075,оо денари, набавена од Славеј А.Д. – Центар за ортотика и протетика.
Со оваа донација го поддржуваме Здружението да го развива првиот и единствен кошаркарски клуб на лица со телесен инвалидитет, кој всушност ја претставува и македонската репрезентација во овој спорт, како и непречена реализација на планираните домашни и меѓународни активности.
Тоа е наш влог и во остварувањето на целта и мисијата на Здружението, а тоа се: вклучување на што поголем број лица со инвалидитет во физички и спортски активности и помош во нивната рехабилитација, како и инклузија на лицата со телесен инвалидитет преку кошарката.
Да им го подобриме животот на лицата со попреченост, затоа што се дел од нас.