Влогот во талентираните ученици е влог во иднината и развојот на нашето општество. Таков влог од страна на Општина Струмица и Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ се случи деновиве во струмичкиот „Младински центар“, каде што беа доделени сертификати за стипендии на талентирани редовни ученици од основните и средните училишта од општина Струмица. Сертификати добија вкупно 74 ученици, како најуспешни во изминатата учебна година (добитници на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари). Од нив, Општина Струмица додели 51 сертификат, за 23 средношколци и 28 основци, а Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ обезбеди стипендии за 23 ученици, и тоа на 10 ученици од средните и на 13 од основните училишта.
Стипендиите за средношколците изнесуваат 2.500 ден. месечно, а за основците 2.000 ден., во времетраење од 9 месеци во тековната учебна 2024/25 година. На доделувањето на сертификатите за стипендии на талентирани ученици од основните и средните училишта од општина Струмица му претходеше Јавен повик, на кој се пријавија рекорден број ученици кои ги исполнуваа пропишаните услови и критериуми.
Инаку, оваа е втора година по ред во која Општината и нашата фондација, врз претходно потпишан Меморандум за соработка, успешно го реализираат стипендирањето на талентираните струмички основци и средношколци.