Една мудрост вели: „Најубавата глетка на светот е детската насмевка“. Вчера, во струмичката Градска уметничка галерија, по заслуга на Општина Струмица и Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, таа глетка беше помножена со 68. Толку изнесуваше бројот на успешни и талентирани ученици од струмичките основни и средни училишта кои, од страна на градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов и претставничката на нашата фондација Ева Заева, добија сертификати за стипендии за тековната учебна. Станува збор за редовни ученици кои добиле први, втори или трети награди на меѓународни, државни, регионални или општински натпревари, и со тоа ги исполнуваат условите од претходно распишаниот Јавен повик.
Врз основа на претходно потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Струмица и Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, Општината додели 45 стипендии од кои 20 стипендии на редовни ученици во средните училишта во износ од 2.500 денари и 25 стипендии на редовни ученици во основните училишта во износ од 2.000 денари во времетраење од 9 месеци во учебната 2023/2024 година, а Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ доделува дополнителни 23 сертификати за стипендии, од кои 10 стипендии на редовни ученици во средните училишта и на 13 ученици од основните училишта.
На свеченоста на доделување на серификатите, покрај градоначалникот Костадинов, свое обраќање пред наградените ученици имаше и нашата претставничка Ева Заева, која меѓу другото истакна: „Иднината на нашата заедница, иднината на нашето општество, но и иднината на секој поединец се засновува токму во стремежот кон стекнување нови знаења и постигнување успеси во текот на образованието, па и потоа. Ние младите можеме многу. Вашата самодоверба ќе ви каже дека навистина е така. Токму затоа, драги ученици, вие ги заслужувате сите честитки за она што досега сте го постигнале, како што ги заслужувате и стипендиите кои ви ги доделуваме“.