Skip to content

Донација за балетско училиште за учество на младински натпревар во Америка

„Балетот е универзален јазик кој го разбира целото човештво“, вели една мудрост. Таквата уметност вреди да се поддржува, особено кога ја негуваат млади вљубеници во неа.

Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ донираше финансиски средства на првото интернационално приватно балетско училиште во нашата земја – „Bullfrogs Ballet School“, во знак на поддршка за учество во финалето на Младинското американско Гран-при, најголемиот светски балетски натпревар кој, од 22 до 27 април, се одржи во Тампа, Флорида, САД.

Според зборовите на Александра Никифоровски – уметнички директор на училиштето, на финалето од престижниот натпревар настапиле 16 млади балерини кои се претставиле со кореографијата „Сон на летната ноќ’, придружувани од три балетски педагози.

Инаку, „Bullfrogs Ballet School“ во своето 16-годишно постоење, континуирано реди успеси на реномирани меѓународни балетски натпревари, за што „зборуваат“ првото и двете трети места (во различни категории) на Европското балетско Гран-при во Виена, Австрија, освоени во последните три години. Еден од најголемите успеси беше постигнат минатата година на  полуфиналето од Младинското американско Гран-при (Youth American Grand Prix), кое се одржа во Виченца, Италија, преку кое беше обезбедено учество во финалето во Тампа, Флорида.

Ние од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, на младите балерини и нивните раководители и педагози од „Bullfrogs Ballet School“, им честитаме за постигнатите успеси, со желба и натаму да бидат достојни репрезенти на македонската балетска уметност.

Нашата поддршка за културно-уметничките „амбасадори“ нема да изостане и во иднина.