Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, врз основа на претходно склучен договор за донација, со Здружението на акцијаши – волонтери „Пат на младоста“ од Штип, донираше средства во висина од 60.000 денари, како финансиска поддршка за реализација на програмските активности на здружението, за пошумување и озеленување на јавни површини.
Акцијата за подигање на јавната свест за заштита на животната средина и екологијата, беше реализирана неодамна, од страна на активисти од ЗАВ „Пат на Младоста“ и студенти од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Учесниците во акцијата посадија садници и извршија чистење на просторот околу спортската сала на универзитетот, а од здружението најавуваат дека такви акции ќе се спроведуваат двапати месечно.
Инаку Здружението на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“, постои веќе шест години, со главна цел – негување на традицијата на акцијаштвото, преку активности од екологијата, заштитата и уредувањето на животната средина, пошумувањето, хуманитарни акции и слично.
Нашата Фондација преку својата „ЗАЕВ Програма за здрава животна средина“, а во соработка со општествено одговорни компании, и понатаму ќе поддржува здруженија на граѓани на кои екологијата им е главна определба.