Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и во петтата година од своето постоење продолжува со своите принципиелни заложби за поддршка на установите и лекарите од јавното здравство. Таков е и најновиот пример на донирање финансиски средства на Д-р Слободанка Симевска, специјалист по анестезиологија и реаниматологија при Јавната здравствена установа Универзитетска клиника „Гинекологија и Акушерство“ – Скопје.
Донацијата за Д-р Симевска е наменета за нејзино учество на Светскиот конгрес по анестезиологија, кој од 15 до 19 април, ќе се одржи во Маракеш, Мароко.
На престижниот настан од светски ранг, македонската претставничка ќе има активно учество, како резултат на прифатениот апстракт за усна презентација пред учесниците на конгресот од сите светски меридијани.
Според Д-р Симевска, учеството на Светскиот конгрес по анестезиологија ќе и овозможи стекнување и размена на знаења со врвни експерти, запознавање со најновите клинички практики и нивна примена во секојдневното работење. Со тоа, македонското јавно здравство ќе го ползува бенефитот да биде во чекорот со светските новитети во анестезиологијата, со кои, без сомнение, ќе биде унапреден квалитетот на здравствената заштита кај нас.
Ние од Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ велиме: „Јавното здравје пред се“. Токму затоа поддршката за здравствените институции и лекарите и натаму ќе остане наш висок приоритет.


