По повод двата јубилеи: 5-годишно одбележување на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, и 70 години од постоењето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ ги поддржа јубилејните активности, откако претходно беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Институтот и Фондацијата.
Како што веќе објавивме, нашата Фондација обезбеди вкупен награден фонд од 135.000 денари за парични награди за деветмината автори ( по три награди за секоја од трите категории) на најдобрите есеи од Конкурсот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Имињата на наградените беа соопштени на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а доделувањето на наградите е предвидено во рамките на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Според одлуката на трите стручни жири комисии (по една за секоја категорија), добитници на наградите се:
- на конкурсот за најдобар есеј за студенти, на тема: „Што направивме и што треба да направиме за македонскиот јазик“, првата награда (25.000 ден.) и припадна на Деспина Буцевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ; Елена Николоска од ФИНКИ ја доби втората награда (20.000 ден.), а третата награда (15.000 ден.) ја доби Сандра Ѓорѓиева од УГД „Гоце Делчев“;
- на конкурсот за најдобар есеј за ученици од средните училишта, на тема: „Јазикот наш денешен“, првата награда (20.000 ден.) ја освои Ирина Прошева од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, втората награда (15.000 ден.) и припадна на Даница Левкова од СОУ „Славчо Стојменски“ од Штип, а Катерина Камбова од СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица ја доби третата награда (10.000 ден.);
- на конкурсот за најдобар есеј за ученици од основните училишта, на тема „Јазикот наш денешен“, првата награда (15.000 ден.) и припадна на Луиза Гонев Чашуле од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје, втората награда (10.000 ден.) ја освои Елена Божиновска од ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово, а третата награда (5.000 ден.) ја доби Мила Караиванова од ООУ „Гоце Делчев“ од Скопје.
Покрај паричните награди кои ги обезбеди нашата Фондација, авторите на најдобрите есеи добиваат и награди во книги од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ им честита на наградените студенти и ученици, посакувајќи им понатамошни успеси во своето образование и во негувањето на македонскиот јазик, а на луѓето од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ им го честита 70-годишниот јубилеј, со желба и натаму да останат на браникот на македонскиот јазик и верни во стремежот за негова афирмација, популаризација и унапредување.
Нашата Фондација е горда на директорот Зоран Заев, кој од порано, како градоначалник и претседател на Владата, па се до денес, како повеќегодишен поддржувач, негува извонредно позитивни релации со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а беше и премиер во годината кога Владата на Република Северна Македонија ја донесе одлуката, 5 Мај да се слави како ден на македонскиот јазик. Впрочем, чувањето, негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, како жив и вечен паметник на нашето постоење, останува да биде еден од стожерните белези на програмските определби на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“.