Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ финансиски го поддржа учеството на Одбојкарскиот клуб „Ветерани Одбојка“ од Струмица на Меѓународниот турнир за одбојкари – ветерани, кој на 16, 17 и 18 мај се одржа во Солун – Грција.
На турнирот, покрај домаќините, учество зедоа и екипи од Атина, Серес, Јаница и Драма, како и одбојкарите на ОК „Ветерани Одбојка“ од Струмица како единствени учесници од Северна Македонија.
Со една победа и два порази, струмичките одбојкарски ветерани го зазедоа четвртото место на турнирот, но конечниот пласман на екипите беше во втор план, наспроти дружењето, соработката и стекнувањето нови пријателства меѓу одбојкарите – ветерани од двете соседни земји. Како резултат на тоа, според информации од струмичкиот клуб, екипи од Грција ќе земат учество на традиционалниот одбојкарски турнир за ветерани, кој во организација на ОК „Ветерани Одбојка“-Струмица, ќе се одржи во декември годинава, а во рамките на одбележувањето на Денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици.
Нашата фондација безрезевно поддржувала, поддржува и ќе поддржува спортски содржини кои покрај натпреварувачката имаат и благородна димензија.