Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ и во својата петта година од своето постоење, продолжува со спонзорства и донации да ги поддржува македонските спортисти и спортски клубови.
Нашата фондација со посебно задоволско ги поддржува спортските активности кои на дело покажуваат дека постои нешто што е повеќе од спорт. Станува збор за оние меѓународни спортски настани во кои, покрај натпреварувачкиот карактер, се манифестира негувањето и продлабочувањето на пријателството меѓу спортистите и клубовите на кои им припаѓаат.
Таков е и последниот случај со Меѓународниот турнир за одбојкари – ветерани кој се одржа на 15, 16 и 17 мај во Солун, Грција, а на кој учествуваа екипи од четири балкански земји. Македонски претставник на овој турнир беше Одбојкарскиот клуб „Ветерани Одбојка“ од Струмица, чие учество финансиски го поддржа Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“.
Покрај домаќините од Солун и струмичките ветерани, на турнирот учествуваа и одбојкарски ветерани од Разлог, Бугарија, како и ветераните на белградски „Партизан“ од Србија. Одбојкарите од „Ветерани Одбојка“ – Струмица го подигнаа пехарот на турнирот како третопласирани, но ниту конечниот пласман, ниту резултатите од меѓусебните натпревари, немаа примарно значење. Убавото дружење и зајакнувањето на веќе стекнатото пријателството, беше главна цел на овој собир на одбојкарските ветерани од четирите балкански земји. Исполнувајќи ја таа цел, сите четири екипи излегоа на крајот како победници.
Овој пример треба да го следат многумина на Балканот, а нашата фондација секогаш ќе поддржува такви и слични спортски манифестации, помагајќи ги македонските спортисти и екипи да бидат дел од нив.


